Граѓани од животно осигурување наплатиле 4,6 милиони евра за шест месеци
Истовремено во полиси за осигурување живот граѓани и компании (за нивни вработени) вложиле 14,8 милиони евра или 9,6 отсто повеќе од истиот период 2020 година
Пет осигурителни компании исплатија 281,3 милиони денари (4,57 мил.евра) за осигурување живот на свои осигуреници во првите шест месеци годинава. Во споредба со истиот период лани исплатените износи (бруто исплатени штети БИШ), за осигурување живот кои осигуреници ги наплатиле, се зголемени за 42 отсто односно 1,36 милиони евра, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Осигурителните полиси за осигурување живот, во зависност од условите на договорот т.е. полисата, покриваат ризици од смрт, инвалидитет, но воедно и многу често можат да бидат и начин на штедење. При тоа осигуреникот освен вложените средства може да добие и дел од приносот (камата) на вложените средства.
Најголемо учество во вкупната исплата имаат полиси за животно осигурување кај кои осигуреникот добива и дел од приносот (камата) на вложените средства. По тој основ во првото полугодие годинаа се исплатени 245,9 милиони денари (4 мил.евра).
Значајно за истакнување е тоа што во овој период компаниите исплатиле 86,77 милиони денари на осигуреници кои одлучиле пред истек на договорениот рок за осигурување да ги повлечат своите вложени пари (таканаречен „откуп на полиса“). Во споредба со истиот период лани овој износ годинава е повисок за 36 отсто. Откупот на полиси во пракса може често да се случи доколку осигуреникот добие подобри услови за вложување во некоја од конкурентските компании за осигурување живот.
Кај набрзо растечкиот од продуктите на осигурување живот т.н. „јунит линкд“, кога осигуреникот го прифаќа ризикот од вложување во удели на инвестициски фондови, има тенденција на раст на исплати. За првите шест месеци годинава иматели на вакви полиси наплатиле 10,46 милиони денари (170.000 евра) и тоа е за 91 отсто повеќе од истиот период 2020 година.
Во првите шест месеци годинава граѓани и компании вложиле 908 милиони денари (14,76 милиони евра) или 9,6 отсто повеќе од истиот период лани.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Седница одржана на 30.9.2021
- Записникот од дваесетитрета седница на СнЕ на АСО во 2021 година, одржана на ден 24.8.2021 година во 13:30;
- Решение за изменување на Решението за формирање на Комисија за спроведување на стручен испит потребен за добивање на дозвола за работа како овластен актуар,
- Барање за добивање согласност за измена на статут на ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ и донесување на Решение,
- Одлука за донесување на Решение за одземање на дозволата за вршење на осигурително брокерски работи на Осигурително брокерското друштво АМГ Премиум АД Скопје
- Измена на годишниот план за теренска супервизија на Агенцијата за супервизија на осигурување, за 2021 година,
- Одлука за изрекување дополнителна мерка на супервизија кон Друштвото за осигурување Халк Осигурување АД Скопје.
Известување во врска со Конкурс на АСО за годишна награда за млади истражувачи
Во врска со објавениот Конкурс за годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на управување со ризици и осигурување за 2021 година, стручните служби на АСО утврдија дека настанал проблем со функционалноста на посочената електронска адреса konkurs@aso.mk и поради тоа не се исклучува можноста некој поднесок да не бил примен.
Со цел рамноправен третман на сите потенцијални учесници ги замолуваме заинтересираните кандидати повторно да го поднесат својот труд на посочената електронска адреса konkurs@aso.mk. Во секој случај, кандидатите задолжително треба да добијат повратен одговор дека нивниот труд е примен и дека учествува на конкурсот.
Доколку и при повторен обид, кандидатите не добијат повратен одговор потребно е да стапат во контакт со одговорното лице на телефонскиот број 02 3254 062.
Осигурителни компании исплатија 1,9 милиони евра за штети од град и мраз, 72% од вредноста на сите земјоделски штети
Градот и мразот се најизразени ризици во земјоделското осигурување. Во првите шест месеци годинава над 70 отсто од вредноста на сите исплатени штети во земјоделството и сточарството се поради последници од овие природни непогоди. Затоа што земјоделците ги препознаваат градот и мразот како најголеми опасности најмногу вложуваат во осигурување од овие ризиците. За првите шест месеци вредноста на купени полиси кои осигуруваат од град и мраз достигна 5 милиони евра или 26 отсто повеќе од истиот период лани
Земјоделци и сточари наплатиле вкупно 162 милиони денари (2,63 мил.евра) од штети покриени со осигурителни полиси за првите шест месеци оваа година. Во вкупниот износ на исплатени земјоделски и сточарски штети за уништени посеви, плодови и угинат добиток, во континуитет, доминира исплатата на штети предизвикани од град и мраз, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Градот и мразот се најголеми непријатели на земјоделците, прават најголеми штети
Штетите предзвикани од град или мраз континуирано имаат најголемо учество во износот на исплатените штети покриени со земјоделско осигурување. За првите шест месеци од овие природни непогоди се исплатени штети, за уништени посеви и плодови, во вкупна вредност од 117,85 милиони денари (1,9 мил. евра). Тоа е 72 отсто од сите исплатени штети во земјоделството и сточарството во овој период. Слична е статистиката и за првите полугодија во претходните две години. Во 2020 година за штети од град и мраз земјоделците наплатиле 99,5 милиони денари (1,6 мил.евра) односно 74 отсто, а во 2019 година 78 отсто од сите исплатени штети во земјоделството.
Вкупниот износ на штети кои земјоделците ги наплатиле од осигурителните друштва, за првите шест месеци годинава, е 162 милиони денари (2,63 милиони евра). Истиот период лани износот на исплатени штети за земјоделски осигурувања е помал за 22 отсто и изнесувал 132,4 милиони денари (2,15 мил.евра). Во првата половина на 2019 година земјоделците од штети наплатиле 78,4 милиони денари (1,27 мил.евра).

Што најчесто осигуруваат земјоделците
Вкупните вложувања на земјоделците и сточарите во осигурување за првото полугодие годинава изнесуваат 398,4 милиони денари (6,5 мил.евра). Тоа е за 20 отсто повеќе во споредба со истиот период 2020 година кога вложувањата во осигурување посеви, плодови и добиток биле 331 милиони денари (5,38 мил.евра). Континуитет во растот на вложувања се бележи и во споредба со 2019 година кога вредноста на земјоделските осугурувања во првата половина од годината изнесувала 241,2 милиони денари (3,92 мил.евра).
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Седница одржана на 23.9.2021
- Записникот од дваесет и втора седница на СнЕ на АСО во 2021 година, одржана на ден 27.8.2021 година во 10:00,
- Одлука за изрекување мерки на супервизија кон друштвото за осигурување ГРАВЕ осигурување НЕЖИВОТ АД Скопје,
- Решение за издавање на согласност за измена на Статут на Акционерското друштво за осигурување ВИНЕР – Виена Иншуренс Груп Скопје,
- Информација во врска со спроведената вонтеренска супервизија на информацискиот систем на Друштвото за осигурување Евроинс Осигурување АД Скопје,
- Информација во врска со спроведената вонтеренска супервизија на Друштво за осигурување Сава Осигурување АД Скопје,
- Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување на лицето Александар Мирчески,
- Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување на лицето Билјана Попоска,
- Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување на лицето Евгенија Ќимова,
- Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување на лицето Ивана Ѓорѓиева,
- Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување на лицето Љубомир Попов,
- Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување на лицето Марјан Спасевски,
- Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување на лицето Мирјета Рамадани,
- Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување на лицето Никица Ѓорѓиевски,
- Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување на лицето Николина Зафироска,
- Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување на лицето Снежана Лотеска,
- Решение за одземање на лиценца за застапник во осигурување на лицето Сузана Христова.
Финансиските регулатори, индустрија и граѓански здруженија заедно ќе дејствуваат за зголемување на финансиската писменост
Дводневна работилница за согледување на состојбите и усогласување на активностите кои ќе ги превземат регулаторните тела и финансиската индустрија, со помош на странски партнери, за да ја спроведат на дело првата национална Стратегија за финансиска писменост и вклученост на населението
Спроведувањето на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија засилено напредува. Оттука, вчера и денес, финансиските регулатори во рамките на Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, заедно со Меѓународната мрежа за финансиска едукација при Организацијата за економска соработка и развој (ИНФЕ-ОЕЦД) во соработка со Министерството за финансии на Холандија, организираат работилница, во рамките на програмата на Конституенцата и програмата „Манивајс“ (Money Wise).
Првиот ден на работилницата беше посветен на успешно спроведување на Стратегијата – „Координирани напори за зајакнување на финансиската писменост во Северна Македонија“. Во текот на вториот ден ќе се разгледуваат предизвиците во доменот на финансиската писменост во однос на дигиталните финансиски услуги, како и прашања за ползувањето на дигитализацијата во финансиската едукација.
Покрај финансиските регулатори, на настанот учествуваат и банките, штедилниците, пензиските друштва, друштвата за осигурување, посредниците во осигурувањето, друштвата за управување со инвестициските фондови, брокерските куќи, берзата, централниот депозитар за хартии од вредност, финансиските друштва и најважно, учествуваат претставници на граѓанскиот сектор – на сите асоцијации и здруженија коишто досега имаат искажано интерес за спроведување активности во сферата на финансиската едукација и заштитата на потрошувачите.

„Имајќи ја предвид важноста на финансиската едукација во динамичниот и иновативен финансиски систем, постои реална потреба од системски пристап во спроведувањето на усвоената Стратегија за финансиска едукацијата и финансиска инклузија. Централната банка заедно со другите финансиски регулаторни органи имаат водечка улога во овој процес. Според резултатите од последната анкета за финансиската писменост на возрасното население во Југоисточна Европа, спроведена од ОЕЦД, Народната банка се издвојува како централна банка од регионот во којашто локалното население има најголема доверба како институција којашто овозможува финансиска едукација. Но, активното учество и на другите засегнати страни, од приватниот и граѓанскиот сектор, е особено важно за да се постигнат целите и мисијата коишто ги имаме поставено пред нас.“ – истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во своето обраќање со коешто го отвори настанот.
На отворањето се обрати и заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски.
„Пандемијата во изминатите две години постави нови цели пред нас. Инвестициите во образованието несомнено треба да бидат од најголем интерес за општеството. Доколку сакаме да постигнеме инклузивен раст, мора да инвестираме во човечки капитал, образование и подобрување на квалификациите. Инвестициите во човечки капитал придонесуваат за подобри вештини, зголемена продуктивност и забрзан економски раст, како и намалување на сиромаштијата и нееднаквоста.“ – нагласи заменик-министерот, Ковачевски и додаде дека единствено со заеднички напори можеме да придонесеме за создавање пообразовано општество.
„Длабоко верувам дека, доколку потенцијалните потрошувачи на осигурителни услуги се добро едуцирани и можат јасно да ги утврдат и да ги изразат своите потреби за осигурување, просторот за недоречености во понудата на осигурителни услуги ќе биде значително стеснет, а оттука и незадоволството и бројот на жалби и претставки значително ќе се намалат. Едукацијата за побарувачката, односно за потрошувачката за осигурителни услуги треба да ја прават сите пазарни, односно општествени чинители.“ – истакна претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Крсте Шајноски.
„Современиот свет на финансии – глобализиран, иновативен и полн со информации, нуди различни формални начини за индивидуално финансиско образование. Сепак, подобри резултати може да се постигнат со институционален пристап. Така, на општествата им треба координиран и активен пристап и за повисоки нивоа на финансиска писменост. Новиот Кодекс за добри практики за финансиска едукација ги насочува програмите и активностите за финансиска едукација што ќе бидат осмислени и применети како алатки за зголемување на финансиската писменост и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги. Ова се прави со очекување дека таквите програми и активности ќе го олеснат носењето подобри одлуки за користење и управување со финансиските услуги и справување со ризиците, а со тоа ќе ги ублажат потенцијалните негативни ефекти. Кодексот ќе ги воспостави сите принципи што ќе се применуваат со спроведувањето на националната Стратегија за финансиска едукација на населението во нашата земја од страна на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор коишто ќе се вклучат во оваа активност.“ – посочи Кирил Јовановски, комисионер во Комисијата за хартии од вредност.
Од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), на отворањето на работилницата се обрати Дарко Саздов, член на Советот на експерти на МАПАС.
„Во новите економски текови, кога финтек-услугите сѐ повеќе се дел од нашата реалност, сѐ поголема е потребата од трансформирање на системите и нивно дигитализирање, со што повисокото ниво на финансиска писменост ќе биде основен предуслов за зголемување на разбирањето на пензискиот систем и пензиските производи. Сето ова, подразбира и потреба од наша поголема посветеност кон активностите за заштита на потрошувачите. Како финансиски регулатор активно сме вклучени во целокупниот процес, особено во делот за заштитата на сегашните и идните членови на пензискиот систем и анализите на потребата од надградба на постојната регулатива и нејзино усогласување со европските стандарди во оваа област. Во тој домен, посебен предизвик за нас е воспоставувањето супервизија на деловните практики на пензиските субјекти со јасна насоченост кон заштитата на правата на членовите на пензиските фондови преку зголемување на транспарентноста на системот, навременост и точност во прикажувањето на резултатите на системот, односно обезбедување најдобра услуга и производ за клиентот.“ – нагласи Саздов.
Од Министерството за финансии на Холандија нагласија дека пандемијата повторно докажа колку е важна финансиската издржливост за граѓаните.
„Оние кои се финансиски ранливи се првите што ќе бидат погодени од економските последици од пандемијата. Финансиската едукација е еден од најважните елементи за подобрување на финансиската издржливост на домаќинствата. Најважно е да се соработува со цел навистина да им се помогне особено на финансиски ранливите граѓани. Можеме многу да постигнеме заедно и да учиме едни од други. Како Министерство за финансии на Холандија, имаме привилегија да бидеме домаќини на платформата „Манивајс“. Оваа платформа е единствена соработка помеѓу многу различни засегнати страни што имаат за цел да ја подобрат финансиската способност на холандските граѓани. Министерството, исто така, воспостави програма за техничка соработка со земјите од нашата Конституенца во ММФ, Светската банка и ЕБОР. Во нашиот проект со ОЕЦД, „Манивајс“ и Програмата за Конституенцата на Министерството за финансии се здружија за да ги поддржат земјите од Конституенцата во зајакнувањето на финансиската писменост, како што денес ни покажуваат засегнатите страни во Северна Македонија.“ – беше истакнато на настанот од претставниците на холандското министерство.
Според ОЕЦД, на земјава треба да ѝ се честита за усвојувањето на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија и на Кодексот на добри практики за финансиска едукација.
„ОЕЦД со задоволство го поддржа развојот на овие важни иницијативи, коишто сведочат за долгорочната посветеност кон финансиската едукација и финансиската вклученост на сите национални засегнати страни, а особено на Народната банка.“ – беше нагласено на отворањето.
На работилницата веќе се презентираа резултатите од најновата анкета за финансиската писменост на возрасното население во Југоисточна Европа (2020), спроведена од ИНФЕ-ОЕЦД, при што акцентот беше ставен на резултатите за нашата земја. Тие укажуваат на сферите во коишто во следниот период ќе се засилат активностите за унапредување на финансиската писменост на населението, при што ќе се применуваат релевантните пристапи и современите методи коишто ги препорачува и ОЕЦД. Во рамките на настанот, се спроведе и е-анкета за сите учесници, за степенот на нивната подготвеност и потребите за вклучување во финансиската едукација во земјата.
Во текот на вчерашниот ден, една сесија му беше посветена на клучниот аспект на вклученоста на приватниот и граѓанскиот сектор во активностите за финансиска едукација, при што се разговараше за препораките и насоките на ИНФЕ-ОЕЦД во оваа сфера и нивното применување приспособено на локалниот контекст, во рамките на Кодексот на добри практики, којшто неодамна беше усвоен од финансиските регулатори во земјава.
Финансиската инклузија и заштитата на потрошувачите ќе бидат обработувани во текот на денешниот ден. Притоа, ќе се зборува за заштитата на финансиските потрошувачи во дигиталната ера, преку презентирање на насоките за политиките на ИНФЕ-ОЕЦД, при што ќе бидат нагласени очекувањата од финансиските регулатори. Учесниците на работилницата ќе разговараат и за трендовите забележани за време на пандемијата на ковид-19, коишто го забрзаа процесот на дигитализација. Понатаму, ќе се разгледа улогата на дигиталната финансиска писменост во поддршката на корисниците на финансиските услуги и производи и на добрите практики за финансиска едукација на населението за дигитални финансиски услуги.
Разменетите искуства и ставови, со активно учество на експерти од ИНФЕ-ОЕЦД и од Холандија ќе придонесат за успешното спроведување на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто беше донесена во јули годинава, а беше изработена во рамките на регионален проект координиран од ИНФЕ-ОЕЦД, со голема поддршка од Министерството за финансии на Холандија. Нејзиното спроведување веќе е започнато, при што меѓу другото неодамна беше усвоен и првиот Кодекс на добри практики за финансиска едукација.
Исплатените штети за приватно здравствено осигурување пораснаа за 87,5 %, достигнаа 1,5 милиони евра
Во првите шест месеци годинава бројот на договори за купени полиси за приватно здравствено осигурување пораснал за 48 отсто. Вложувањата на осигурениците во ова осигурување достигнале 3,8 милиони евра. Осигурителните компании за првото полугодие за пријавени штети исплатиле 87,5 отсто повеќе средства во однос на истиот период 2020 година

Вредноста на исплатените штети покриени со приватно здравствено осигурување во првите шест месеци порасна за 87,5 отсто и достигна 92,6 милиони денари (1,5 милиони евра). Истовремено, вложувањата на граѓани и компании во приватно здравствено осигурување се зголемени за 38 отсто достигнувајќи 232,5 милиони денари (3,8 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Податоците за исплатени штети и продадени полиси потврдуваат дека приватното здравствено осигурување, во контект на актуелната здравствена пандемија, станува многу популарно и се пошироко прифатено кај осигурениците (граѓани и правни лица). Истовремено се зголемуваат износите кои осигуреници ги вложуваат во приватно здравствено осигурување со цел да обезбедат поквалитетна здравствена заштита од јавното здравство, која не е на товар на државниот буџет и на државниот Фонд за здравствено осигурување.
Во првите шест месеци годинава осигурителните компании кои продаваат полиси за приватно здравствено осигурување ликвидирале т.е. исплатиле 9.144 оштетни побарувања на свои осигуреници. Тоа е за 68 отсто повеќе во споредба со истиот период претходната година кога друштвата за осигурување ликвидирале 5.432 штети. Во првото полугодие се продадени 9.870 полиси за приватно здравствено осигурување што е за 46 отсто повеќе од истиот период во 2020 година. За првите шест месеци годинава до АСО се доставени само две претставки од незадоволни осигуреници за покритие на штета по полиса за приватно здравствено осигурување.
Вредноста на штети исплатени за приватно здравствено осигурување достигна 5 отсто во вкупниот износ на бруто исплатени штети (БИШ) за првото полугодие оваа година. За овој период учеството на исплатени штети за приватно здравствено осигурување порасна за 67 отсто во споредба со истиот период лани кога оваа класа осигурување во БИШ учествуваше со 3 отсто.
Највисоката поединечна исплатена штета покриена со приватно здравствено осигурување изнесува 610.000 денари (10.000 евра).
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
